Премиерот на Албанија, Еди Рама на заедничак прес-конференција со македонскиот колега, Христијан Мицкоски порача дека Македонија е независна и суверена држава и оти Албанија нема да се меша во нејзините внатрешни работи.
Ова доаѓа по новинарско прашање за судските случаи што ги оспоруваат дел од Албанците, како што е случајот „Монструм“.
Рече дека прашањата поврзани со судските постапки и правата на Албанците треба да се решаваат преку институциите во Македонија и политичките претставници на албанската заедница.
„Како прво, Македонија е независна и суверена држава, а Албанците се државотворен народ. Има правни насоки кои вие треба да ги следите внимателно. Затоа не мислам дека некоја интервенција од братските земји треба да се меша со внатрешните работи во друга држава“, изјави Рама.
Рече дека албанските политички партии во земјата имаат одговорност да ги покренуваат прашањата што ги засегаат граѓаните.
„Прашањата кои вие ги кажувате треба да ги третираат институциите во Македонија. Албанците имаат политички партии, и тоа повеќе отколку што треба, кои треба да ги пренесат сите тие прашања“, рече албанскиот премиер.
Прашањето се однесуваше и на случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во април 2012 година, за кое беа осудени пет лица. Постапката со години предизвикуваше протести и оспорувања од страна на одбраната, која тврдеше дека обвинението е засновано на недоволно докази и дека станува збор за монтиран процес.
На повтореното судење беа изречени три доживотни затворски казни, како и казни од 15 и девет години затвор. Во септември 2023 година Врховниот суд ги одби жалбите на тројцата осудени на доживотен затвор и ја потврди пресудата на Апелациониот суд. Адвокатите на осудените во 2024 година поднесоа жалби до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Рама одби да навлегува во конкретните судски предмети и рече дека не сака да се поставува во улога на политички арбитер во Македонија.
„Вие ниту сте ме виделе ниту ќе ме видите да правам кампања во Македонија за некоја политичка партија. Сите албански политичари се добредојдени да комуницираат со нас, но има граница. И таа нема да се премине, за да се интервенира во внатрешните работи на државата. Таа граница не смееме да ја поминеме“, изјави Рама.
Осврнувајќи се на односите со политичките лидери во Македонија, тој рече дека не гледа ништо спорно во пријателските контакти и со македонските и со албанските политичари.
„Не верувам дека треба да биде чудно што јас сум пријател со Ахмети, Мицкоски, а имам и други пријатели кои вие мислите дека не ми се пријатели или не ги знаете. Не верувам дека треба да бидам пријател само со Мицкоски или Албанците, ова за мене е скандалозно како идеја, а не па да се постави како прашање“, рече Рама.

