Дваесет и четиригодишниот полицаец Дејан Ериќ од Бијелина загина во сообраќајна несреќа кај местото Којчиновац, враќајќи се од турнир во футсал.
Несреќата се случила вчера околу 1:30 часот по полноќ, кога неговиот автомобил „Фолксваген“ излетал од магистралниот пат Зворник–Бијелина, по што Министерството за внатрешни работи на Република Српска се прости од својот млад колега.
Дејан Ериќ бил роден во 2002 година во Бијелина, каде што завршил основно и средно образование, а во 2024 година дипломирал на Полициската академија во Бања Лука. Истата година почнал да работи во МВР на Република Српска како практикант, потоа како полицаец во Полициската станица Јања, а од април годинава бил распореден во Полициската станица за безбедност во сообраќајот во Бијелина.
Од Министерството на Фејсбук истакнаа дека должноста ја извршувал чесно, одговорно и професионално, со голема посветеност на полициската професија.
„Со својата работа и однос кон своите колеги, тој остави неизбришлив белег меѓу оние со кои ги делеше секојдневните должности и предизвици на полициската професија“, се вели во прошталната порака.
Починатиот полицаец зад себе ги остави родителите и сестрата, роднините, пријателите и бројни колеги.
„Неговиот млад живот и полициска кариера беа прерано прекинати, а неговото сеќавање останува како траен потсетник на колега кој го прифати својот повик со чест и одговорност.“
Погребот на Дејан Ериќ ќе се одржи в недела, 22 ноември, во 13 часот на гробиштата Свети Апостол Марко во Нови Дворови кај Бијелина, а веста за неговата смрт пристигна во деновите кога Министерството ја одбележува својата слава Свети Архангел Михаил.
„Во деновите кога го славиме нашиот светец-заштитник, Свети Архангел Михаил, нашите мисли и молитви се со семејството на Дејан. Ја споделуваме нивната тага и им ги упатуваме нашите најискрени сочувства“, се наведува во соопштението.

