Во полскиот град Полице беше откриен споменик посветен на децата бегалци од Егејска Македонија, кои по присилното напуштање на своите домови животот го продолжиле во Полска, каде што останале до крајот на животот.
Споменикот е прв од ваков вид во Полска, а неговата реализација беше поддржана од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ). Предвидено е да бидат поставени уште два споменика во други полски градови кои во минатото ги згрижиле децата бегалци.
Автор на споменикот е Петро Алексовски, а свеченото откривање го извршија градоначалникот на Полице, Кристијан Ковалевски, и македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќамил.
На настанот беше изразена благодарност до ФХЕМ за поддршката, без која, како што беше посочено, проектот немало да биде реализиран во толку краток период.
Директорот на Фондот, Горан Садикаријо, истакна дека судбината на децата бегалци од Егејска Македонија е поврзана со пошироката историска меморија на сите народи кои доживеале прогон и загуба на своите домови.
„Судбината на децата бегалци од Егејска Македонија, откорнати од своите огништа, природно се преплетува со историската меморија на еврејскиот народ и на сите оние кои го преживеале прогонот и загубата на домот. Затоа беше природно да помогнеме“, порача Садикаријо.
На средбата со директорот на ФХЕМ било најавено и отворање музеј во Полице, при што е предложено дел од музејскиот простор да биде посветен на историјата и судбината на македонските Евреи.
Поддршката за споменикот, според ФХЕМ, претставува придонес кон зачувувањето на историското сеќавање и почитта кон луѓето чии животи биле обележани со прогон, разделба и раселување.

