Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика сојузниците на Украина веднаш да преземат конкретни чекори за обезбедување дополнителни средства за воздушна одбрана на земјата, нагласувајќи дека заштитата на украинското население мора да биде приоритет.
Макрон побара испорака на нови противракетни системи и пресретнувачи, оценувајќи дека државите кои располагаат со такви средства треба без одложување да ѝ помогнат на Украина.
„Апсолутен приоритет е распоредувањето нови противракетни системи и нови пресретнувачи. Секој што има можност да обезбеди средства за одбрана и заштита на украинските граѓани мора веднаш да го стори тоа“, изјави Макрон во Берлин.
Тој истовремено повика повторно да се отвори прашањето за членството на Украина во НАТО, посочувајќи дека руската позиција во преговорите бара сериозно преиспитување на идните безбедносни гаранции за Киев.
„Со оглед на максималистичката природа на руската позиција, верувам дека мора повторно да го поставиме прашањето за пристапување на Украина во НАТО. Денес се поставува прашањето, вклучително и за нас Европејците, што ќе се случи утре?“, порача францускиот претседател.
Изјавите Макрон ги даде на состанокот во Берлин, на кој присуствуваа претставници на сојузничките земји на Украина, меѓу кои и претставници на американскиот претседател Доналд Трамп.

