Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски се вклучил на состанокот на европските лидери во Берлин, посветен на војната во Украина, и од својот претседателски авион „Ер форс 1“ ги довел во прашање плановите за продолжување на европската воена помош за Киев.
Според информациите на „Политико“, кои се повикуваат на четворица европски функционери запознаени со разговорот, Трамп им порачал на европските лидери дека рускиот претседател Владимир Путин е сериозен во врска со мировните преговори за Украина.
Американскиот претседател, според тројца функционери, изразил силно противење на понатамошното издвојување милијарди евра за воена помош на Киев. Двајца од изворите неговото обраќање го опишале како остра критика на продолжувањето на финансирањето на Украина, додека трет извор навел дека Трамп зборувал за големите заштеди што би можеле да се остварат доколку војната заврши.
Германската новинска агенција ДПА објави дека Трамп се јавил од својот авион на својот зет и специјален пратеник Џаред Кушнер, кој присуствувал на состанокот. Кушнер го вклучил звучникот на телефонот, а разговорот бил дополнително засилен преку микрофон за да можат да го слушнат и останатите учесници.
Белата куќа засега не одговорила на барањето на „Политико“ за коментар во врска со содржината на разговорот.
На состанокот во Берлин, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, учествуваа претставници на околу 40 земји, во рамките на таканаречената „Коалиција на подготвените“, која се залага за долгорочна воена и безбедносна поддршка за Украина.
Меѓу присутните беа францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници на други европски држави. САД ги претставуваа специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. На состанокот учествуваше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Европските сојузници сакале да дознаат повеќе детали за разговорите на Трамп со Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во Шенџен, како и дали Вашингтон ќе ги поддржи европските планови за безбедносни гаранции за Украина во случај на прекин на огнот.
По состанокот, германскиот канцелар Мерц порача дека Европа нема да прифати мировен договор за Украина во кој Киев и европските држави нема да бидат вклучени.
„Преговорите можат да бидат успешни само ако Украина и Европа заедно учествуваат во процесот. Формат во стилот на Јалта нема да донесе мир“, изјави Мерц, алудирајќи на конференцијата од 1945 година, кога големите сили го договарале повоеното уредување на Европа.
Мерц истакна дека европските држави ќе продолжат да ја поддржуваат Украина онолку долго колку што е потребно. Тој средбата на Трамп, Путин и Си во Кина ја оцени како можност за фотографирање, за разлика од берлинскиот состанок, на кој, според него, се разговарало за конкретни мерки за поддршка на Украина.
Европските лидери се загрижени дека Вашингтон би можел да постигне договор со Москва за иднината на Украина и безбедносниот поредок во Европа, без нивно учество.
Во меѓувреме, европските земји презедоа значителен дел од финансирањето на украинската одбрана, по намалувањето на директната американска помош за време на администрацијата на Трамп.
Засега не е познато дали американскиот претседател за време на телефонскиот разговор поставил конкретни барања пред европските сојузници или навестил промена на американската политика кон Украина.

