Во просториите на скопската челичарница „Макстил“ во тек се полициски проверки поради сомнежи за сторени кривични дела од областа на еколошкиот криминал.
Според информациите што ги објави „Скопје1“, полициските тимови проверуваат примероци од почва и одредени суровини за да се констатира дали има неправилности со елементи на кривично дело.
За „Скопје1“ од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека постапува Единицата за економски криминал и корупција при СВР Скопје, врз основа на оперативни сознанија и со наредба издадена од јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Скопје.
Јавноста ќе биде дополнително известена по завршувањето на активностите, најавуваат од МВР, додавајќи дека во овој момент нема официјални податоци за приведени лица ниту за исходот од контролите.

