По четири дена проблеми со водоснабдувањето, Штип постепено се враќа во нормала. Саниран е и вториот дефект на главната водоводна линија, а водата за пиење веќе пристигнува и во повисоките делови на градот, но засега со намален притисок.
Од ЈП „Исар“ информираат дека дефектот е успешно отстранет од стручните екипи на работната единица „Водовод и канализација“.
Од претпријатието објаснуваат дека воспоставувањето на редовното водоснабдување се одвива постепено, согласно посебни протоколи, со цел да се избегне дополнително оптоварување и ризик за водоводната мрежа.
Проблемот со водоснабдувањето во изминатите четири дена погоди десет населби во Штип, поради два дефекти на главната водоводна линија.
Поради сериозноста на состојбата, градоначалникот Иван Јорданов вчера прогласи кризна состојба во дел од населените места. На жителите им беа обезбедени цистерни со техничка вода, додека за пиење се делеше флаширана вода.
Јорданов посочи дека цевките на главната водоводна линија се стари околу 50 години, најавувајќи дека во текот на следната година ќе се инвестира во нивна замена со цел да се спречат слични проблеми во иднина.
Иако дефектот е отстранет, од „Исар“ апелираат за трпение додека целосно не се стабилизира притисокот и не се воспостави нормално водоснабдување во сите делови на градот.

