Белградската полиција интензивно трага по засега непознати сторители кои попладнето украле метален сеф од куќа во центарот на српскиот главен град, во кој, според сопственикот, имало околу 100.000 евра и неколку часовници.
Случајот во полиција бил пријавен вчера околу 15 часот, веднаш откако 76-годишниот сопственик на куќата забележал дека бил ограбен и дека металниот сеф го нема во неговиот дом.
Според неофицијални информации, при увидот било утврдено дека е провалена вратата во ходникот на објектот што води кон дворот, а видливи оштетувања останале и на самиот влез.
Неофицијалните сознанија укажуваат дека сторителите скршиле дрвен прозорец на приземјето од куќата, низ кој потоа незабележано влегле во внатрешноста.
„Во куќата е извршен целосен претрес. Сопственикот пријавил во полиција дека му е украден металниот сеф, наведувајќи дека во него чувал околу 100.000 евра во готово, како и неколку рачни часовници“, открил извор за „Телеграф“.
Увидот на лице место е завршен, а полицијата работи на расветлување на случајот и пронаоѓање на сторителите.

