Грчката полиција потврди дека клучна улога во разоткривањето на иранската мрежа осомничена за подготовка на напад во Грција имале безбедносните служби на Северна Македонија. Портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, изјави дека од грчка страна во случајот била вклучена Националната разузнавачка служба, додека главниот дел од истрагата го воделе македонските безбедносни служби.
Говорејќи за државната телевизија ЕРТ, Димоглиду посочи дека случајот покажува колку е важна меѓународната соработка во спречувањето на незаконски активности.
„И покрај тоа што не беше вклучена некоја служба на грчката полиција, Националната разузнавачка служба, преку соработката со други земји, успеа да спречи незаконска активност на нашата територија. Главниот товар на истрагата го имаа безбедносните служби на Северна Македонија“, изјави Димоглиду.
Таа објасни дека грчката полиција не располага со информации за тоа кој конкретно бил цел на планираниот напад, но дека тие информации ѝ се познати на грчката Национална разузнавачка служба. Очекувањата се дека по апсењата и прибирањето докази во повеќе земји ќе се утврди дали станувало збор за планирано убиство на конкретно лице или за терористички напад.
Димоглиду се осврна и на македонскиот државјанин кој беше уапсен во Грција, а потоа депортиран во Македонија. Според нејзините информации, тој бил откриен на граничен премин на североисточната граница кон Турција, при обид да ја напушти Грција. Полициските службеници утврдиле дека за него постоела мерка за забрана за престој во Грција и во други земји.
Лицето било депортирано во првите денови од ноември, по претходното приведување.
Во меѓувреме, случајот е главна тема во грчките медиуми, кои објавуваат различни информации за можната цел на нападот. Меѓу сценаријата што се споменуваат е дека станува збор за грчки бизнисмен со еврејско потекло, Израелец поврзан со голема компанија во Грција или лице поврзано со израелски интереси.
Сепак, ниту едно од овие сценарија засега нема официјална потврда.
Грчките медиуми пишуваат и дека нападот наводно требало да биде изведен на начин што би оставил впечаток дека станува збор за пресметка, со цел да се прикрие евентуалната поврзаност со ирански мрежи.
Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори, објави дека уапсениот е 30-годишен македонски државјанин, кој кон крајот на октомври со автомобил со македонски регистарски таблички се обидел да ја напушти Грција и да влезе во Турција преку копнениот граничен премин Еврос. По приведувањето, неколку дена подоцна бил депортиран во Македонија.

