Бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави ново видео во кое презентира пораки и делови од телефонски разговори за кои тврди дека ги водел со Ива Михаилова и нејзината мајка Христина. Според него, тие се обидувале да го убедат да ја повлече претходно објавената снимка во која се изнесени наводи за притисоци од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).
Цанов тврди дека Михаилова му испратила порака само неколку минути по објавувањето на првото видео, изразувајќи страв за сопствената безбедност, но и за безбедноста на нејзините родители.
„Јави ми се веднаш. Крени ми, зашто сите ќе умреме уште вечерва“, е една од пораките што јутјуберот ја презентира во новото видео.


Според неговото тврдење, Михаилова го молела да ја отстрани снимката поради страв од последиците од претходно изнесените информации. Цанов вели дека пораките подоцна биле избришани, но дека претходно направил видеоснимка од преписката.
Во новото видео објавен е и дел од телефонски разговор со жена за која Цанов тврди дека е мајката на Михаилова. Во разговорот, таа наводно бара да не се споменуваат безбедносните служби, наведувајќи дека тоа е нејзиниот единствен услов и дека во спротивно би можела да биде ликвидирана.
Јутјуберот тврди дека поседува целосни аудиоснимки од разговорите, кои траеле повеќе од два часа, и дека е подготвен да ги достави на проверка.
Случајот претходно привлече внимание откако Цанов објави снимка од разговор со Михаилова, во која таа зборуваше за наводни притисоци од ДАНС, поврзани со нејзините медиумски настапи и условите за добивање помош за лекување и правна поддршка.
Според тогашните тврдења на Михаилова, од неа било побарано најпрво да даде интервју кај новинарот Мартин Карбовски, а доколку претходно гостува на друга телевизија или медиум, би можела да ја изгуби поддршката за рехабилитација и ангажирање адвокати. Таа подоцна гостуваше кај Карбовски.
Сепак, на 15 ноември Михаилова преку објава на социјалните мрежи порача дека никој во Бугарија не ја принудувал да прави нешто против своја волја.
„Тука добив помош, грижа и поддршка“, напиша таа, барајќи од јавноста да ја остави на мир за да може да се посвети на лекувањето.
Од друга страна, бугарската ДАНС ги отфрли обвинувањата, соопштувајќи дека нејзини службеници не вршеле притисок врз Михаилова. Од агенцијата посочија и дека потеклото на објавените снимки не е потврдено, а изнесените тврдења не се докажани.
Новинарот Мартин Карбовски, пак, ги негираше тврдењата дека е агент на ДАНС.

