СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски планира во 2027 година дополнително да ги задолжи граѓаните за две милијарди евра, а како спорен аргумент за новото задолжување ги посочува тврдењата за долговите што треба да се враќаат.
Од опозициската партија велат дека во Предлог-буџетот за 2027 година, кој го предлага министерката за финансии Гордана Кочоска, за отплата на долг се предвидени 64,6 милијарди денари, односно околу една милијарда евра.
Според СДСМ, ова е значително помалку од сумата од две милијарди евра за која, како што тврдат, Владата планира да се задолжи во текот на следната година.
Од партијата обвинуваат дека со актуелните политики јавниот долг дополнително расте и дека товарот од задолжувањето ќе падне врз граѓаните.
СДСМ предупредува и на влошување на животниот стандард, посочувајќи ги растечките трошоци за живот, стагнацијата на платите и најавените поскапувања на парното и електричната енергија во 2027 година.
Од опозицијата велат дека, наместо средства за зголемување на минималната плата на 600 евра, повисок студентски оброк и поголема поддршка за земјоделците, Владата планира нови задолжувања и дополнителни трошоци за камати.
„Нови долгови за граѓаните, огромни камати коишто треба да ги плаќаат, а нема пари за минималната плата од 600 евра, нема пари за поголем студентски оброк, нема пари за земјоделците“, наведуваат од СДСМ.

