Најмалку 14 лица го загубија животот, а 30 се повредени во тешка верижна сообраќајна несреќа во која учествуваа 18 патнички возила и пет камиони во емиратот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), соопшти тамошното Министерство за внатрешни работи повикувајќи се на прелиминарните податоци.
Според полициските информации, несреќата се случила на патот „Шеик Калифа бин Зајед“, на самиот влез во емиратот, по судир меѓу камион и неколку автомобили. На терен веднаш интервенирале полициски екипи, служби за итна медицинска помош и цивилна заштита, кои им укажале прва помош на повредените и ги транспортирале во болница, додека специјализираните тимови продолжуваат со расчистување на теренот.
Полицијата во Фуџаира отвори истрага за утврдување на причините и околностите на несреќата, апелирајќи до граѓаните да не шират гласини и непроверени информации, особено во врска со бројот на жртвите и нивната националност.
Ова е втора сериозна сообраќајна несреќа во овој емират за два дена. Во одделен инцидент што се случи околу полноќ на 10 ноември на патот меѓу Фуџаира и Хор Факан, автомобил со четири патници удрил во паркиран камион, при што загинале две лица, а две биле пренесени во болницата „Шеик Калифа“.
Поради зачестените инциденти, портпаролот на полицијата во Фуџаира, Салех Мохамед Абдула Ал Дахани, предупреди на опасноста од камиони паркирани подолго време покрај коловозните ленти и ги повика возачите да ја приспособат брзината, да одржуваат безбедно растојание и да избегнуваат ненадејно престројување и користење мобилни телефони при возење.

