Од 15 ноември стапи на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај. Мерката ќе важи до 15 март следната година, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Согласно законските прописи за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач е должен да има соодветна зимска опрема, во зависност од видот, тежината и техничките карактеристики на возилото.
За патничките возила со тежина до 3.500 килограми, дозволена е употреба на зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри. Како алтернатива може да се користат летни гуми со иста минимална длабочина, но во тој случај задолжително е поседување синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.
Посебни правила важат за возилата со погон на четири тркала. Кај нив, зимските пневматици треба да имаат шара длабока најмалку 6 милиметри, додека при користење летни гуми минималната длабочина е 4 милиметри, со задолжително поседување синџири за снег.
За товарните возила со тежина над 3.500 килограми, потребни се зимски пневматици на погонските тркала со најмалку 6 милиметри длабочина на шарата. Дозволени се и летни гуми со минимална длабочина од 4 милиметри, доколку возилото има соодветни синџири за снег.
Автобусите и товарните возила кај кои конструкцијата не дозволува поставување синџири на погонските тркала мора да бидат опремени со зимски пневматици на погонските тркала и лопата.
Од МВР појаснуваат дека за зимски пневматици се сметаат оние што ги имаат ознаките „MS“, „M+S“ или „M&S“, како и симболот на снегулка во стилизирана планина со три врва. Воедно, потсетуваат дека употребата на гуми со клинци во патниот сообраќај е забранета.
Надлежните апелираат возачите навреме да ги подготват своите возила и да ги почитуваат пропишаните правила, со цел да се намали ризикот од сообраќајни незгоди и да се обезбеди побезбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.

