СДСМ ја обвини министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска дека ја манипулира јавноста со тврдењата за две милијарди евра долг што треба да се врати во 2027 година, посочувајќи дека податоците во Предлог-буџетот за следната година покажуваат поинаква слика.
Од партијата велат дека самата министерка во Предлог-буџетот, на страниците 16 и 17, навела дека за отплата на долгот се предвидени 64,6 милијарди денари, односно околу една милијарда евра.
„Отплатата на долгот во износ од 64,6 милијарди денари (од кои за надворешен долг 46,5 милијарди денари, за домашен долг 18,1 милијарди денари) ќе се финансира преку домашно и странско задолжување“, се наведува во документот, цитиран од СДСМ.
Од партијата тврдат дека од оваа сума околу 500 милиони евра се однесуваат на еврообврзницата издадена во 2023 година, додека остатокот го поврзуваат со задолжувањата на актуелната влада.
СДСМ оценува дека со ова паѓаат тврдењата за две милијарди евра наследен долг што треба да се врати во 2027 година и обвинува дека Владата на Мицкоски во меѓувреме создала нови задолжувања.
„Мицкоски создаде долг од 4 милијарди евра за само 2 години, а сака дополнително да ги задолжи граѓаните за уште 2 милијарди евра во 2027 година“, обвинуваат од СДСМ.
Како дополнителен аргумент, од партијата посочуваат дека во истиот Предлог-буџет е предвидено задолжување од 121 милијарда денари, односно околу две милијарди евра, во текот на 2027 година.
Според СДСМ, овие бројки покажуваат дека Владата планира ново задолжување, а не станува збор само за враќање на долгови наследени од претходната власт.

