Македонски државјанин на возраст од 57 години е тешко повреден при несреќа на градилиште во италијанскиот град Сачиле, во покраината Порденоне. Несреќата се случила во понеделникот, 16 ноември, на улицата „Виа Еторео“, каде што биле изведувани градежни работи.
Според информациите на италијанските медиуми, работникот паднал од скала од височина од околу два метра додека се обидувал да се качи на настрешница и да отстрани исечено дрво кое останало заглавено на покривот.
При падот удрил со главата и се здобил со тешка повреда. Колегите кои биле на градилиштето веднаш повикале помош, по што на местото пристигнале медицински екипи, а поради сериозноста на повредите било испратено и медицинско хеликоптерско возило.
Повредениот бил пренесен во болницата „Санта Марија дела Мизерикордија“ во Удине, каде што итно бил опериран. Според весникот „Месадџеро Венето“, тој бил примен на интензивна нега, во тешка состојба и со неизвесна прогноза.
Италијанската телевизија РАИ, пак, објави дека Македонецот не бил во животна опасност, иако неговата здравствена состојба била сериозна, а прогнозата останала неизвесна.
По несреќата интервенирале и карабинерите, како и инспектори од надлежната здравствена служба, кои треба да ги утврдат околностите под кои се случила несреќата и дали биле почитувани прописите за безбедност при работа.
Информацијата ја објавија италијанските новински агенции АНСА, РАИ, како и регионалните медиуми „Месадџеро Венето“ и „Фриули Оџи“.

