Наодите на Европската комисија за владеењето на правото и напредокот на реформите во Македонија ќе бидат тема на денешната тематска дебата што ја организираат собраниската Комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.
Настанот ќе се одржи во Големата купола на Собранието, а ќе може да се следи и онлајн. Во фокусот ќе бидат клучните забелешки, предизвиците и препораките на Европската комисија, како и улогата на парламентот во следењето на реформските процеси.
На дебатата воведни обраќања ќе имаат претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, амбасадорите на Шведска и Швајцарија, Ола Солстром и Кристоф Сомер, директорката на УНОПС, Михела Телатин, и извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска.
Предвидено е да бидат презентирани повторливите забелешки од извештаите на Европската комисија за владеењето на правото, како и матрица за парламентарен надзор врз напредокот во оваа област, изработена од проектниот тим на PAVE.
На настанот онлајн ќе се обрати и европратеникот Томас Вајц.
Организаторите посочуваат дека целта е да се отвори поширока институционална расправа за спроведувањето на реформите, но и да се утврдат можностите за поефикасен парламентарен надзор и следење на обврските во областа на владеењето на правото.
По презентациите е предвидена дискусија со учесниците, по што ќе следуваат завршните обраќања.

