Со „освоеното“ 41. место меѓу 48 европски економии и со проектиран БДП од едвај 11.760 долари по жител, Македонија е официјално меѓу последните десет економии на нашиот континент. Ова не е само лоша статистика, туку сериозно предупредување за економската состојба и развојната перспектива на државата, реагираат од ДОМ.
Додека Владата помпезно се фали за економски успеси, инвестиции и развој, реалноста е дека Македонија останува меѓу најслабите европски економии. Граѓаните се соочуваат со низок животен стандард, слаба куповна моќ и сè поголема неизвесност, а државата нема убедлива стратегија како да го промени овој тренд.
Наместо економија што создава домашна вредност, продуктивност и добро платени работни места, продолжуваме да се потпираме на увоз, евтина работна сила и инвестиции без речиси никаква развојна визија. Домашното производство е запоставено, земјоделството е сè понеизвесно, а зелената транзиција останува на маргините на економските политики.
Дури и новите инвестиции, вклучително и дата-центрите, мора да се оценуваат според нивниот вистински придонес за економијата, отворањето квалитетни работни места, потрошувачката на енергија и вода и заштитата на јавниот интерес.
На Македонија не ѝ требаат уште владини прес-конференции за економски успеси. Ѝ треба економија во која граѓаните ќе живеат подобро, домашното производство ќе има иднина, а инвестициите ќе создаваат долгорочна вредност.
ДОМ бара Владата да престане да ги слави ваквите „резултати“ како успех и конечно да понуди сериозна развојна стратегија заснована врз зелена економија, домашно производство, енергетска сигурност и одржливи инвестиции.
Економијата не се мери преку партиски соопштенија, туку преку вистинските показатели за куповната моќ и квалитетот на живот на секој граѓанин, додаваат од партијата.

