Припадници на српското МВР од Белград и Полициската станица Младеновац уапсија четири лица под сомнение за неовластено производство и продажба на наркотици, додека интензивно се трага по уште едно лице. Акцијата резултираше со заплена на околу 290 килограми дрога и опрема за нејзина обработка.
Операцијата се реализираше во општина Топола, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Крагуевац. Три од уапсените лица се од Белград, а едно е од Јагодина.
При претресот во просториите што ги користел осомничениот по кој се трагало, полицијата пронашла околу 90 килограми супстанца слична на марихуана, како и ваги за прецизно мерење и опрема за одгледување. Дополнително, во блиската шума биле откриени уште 200 килограми исечени растенија за кои се сомнева дека се психоактивен коноп.
На осомничените им е одреден притвор во траење до 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат спроведени пред надлежниот обвинител во Крагуевац.

