Состојбата со цените на енергентите во Европа е жестоко алармантна и тие веќе се трипати повисоки од истиот период минатата година, но Владата презема сè што е во нејзина моќ за да нема поскапувања во земјава, изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Гази Баба. Тој нагласи дека целта е Македонија да остане земја со убедливо најниски цени на дизелот, бензинот, електричната енергија и затоплувањето во Европа.
„Состојбата во Европа е жестоко алармантна. Кога зборувам жестоко алармантна, зборувам нуклеарни централи што не работат, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се навистина историски највисоки, по 400, 500, па и повеќе евра за мегават-час. Ова важи и за гасот. И ова се случува во континуитет некаде од втората половина на август, сега сме веќе на средината на ноември, и не само што состојбата не се смирува, туку, напротив, се влошува. Што правиме ние? Ние како Влада, односно АД ЕСМ, на јавниот повик на „ЕВН хоум“, ќе достави понуда што ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара зголемување на цената. Така што, што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување, но тоа не можам да го кажам за приватните субјекти, кои учествуваат со нивна суверена политика. Јас тука не можам да интервенирам“, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања.
Премиерот појасни дека Владата заедно со АД ЕСМ изготвила нов бизнис-модел и бизнис-план со кој нема да се бара покачување на цената на електричната енергија.
„Производот ќе биде по иста цена, зборувам за државната компанија АД ЕСМ, а на крајот од 2027 година ќе целиме на профит кој што би го остварила оваа компанија. Таков е овој бизнис модел кој што го креиравме и сега треба да видиме дали ќе функционира“, нагласи премиерот.
Во однос на парното греење, Мицкоски информираше дека се бара значително поскапување поради високата цена на гасот, но Владата ќе се бори тоа да не се случи.
„Цената на гас е трипати поголема од минатогодишната цена за истиот период. Меѓутоа тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно тоа да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловниот бензин, горивата, електричната енергија и затоплувањето во Европа“, рече премиерот Мицкоски.
Тој заклучи дека заштитата на стандардот на граѓаните останува главен приоритет.
„Ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ова ќе може да се издржи, но, до овој момент ние со нашите механизми што ни стојат на располагање и креативни решенија успеваме да се спротивставиме на овој притисок“, рече Мицкоски.

