Четиринаесет лица ги загубија животите, а уште 30 се повредени во тежок верижен судар што се случи во градот Фуџаира, Обединети Арапски Емирати.
Според официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи на ОАЕ, несреќата ја предизвикал возач на товарно возило кој изгубил контрола над управувачот и директно налетал на поголема група возила. Од силината на ударот камионот веднаш се запалил, по што огнот се проширил и зафатил неколку други автомобили.
Во овој масовен судар учествувале вкупно 23 возила, од кои пет биле товарни камиони.
Од полицијата во Фуџаира информираа дека сите 30 повредени лица се пренесени и згрижени во болница. Надлежните потврдија дека меѓу загинатите има државјани на Оман, Индија, Бразил, Пакистан, Јордан и Египет.

