Тринаесет ученици и 13 вработени беа пренесени во болници по истекување на гас за време на работи за одржување на базенот во училиштето „Касарија“ во грчкиот град Коропи.
Поради инцидентот, основното училиште и градинката беа веднаш евакуирани, а екипи на противпожарната служба и брзата помош беа упатени на терен, објави „Prothotema.gr“.
Според достапните информации, 13 ученици беа пренесени во Детската болница „Аглаја Киријаку“, додека 13 возрасни лица од училишниот персонал беа испратени во болницата „Сотирија“ поради вдишување гас.
Од 13-те деца кои беа хоспитализирани, пет веќе беа прегледани и пуштени на домашно лекување, додека за преостанатите осум прегледите продолжуваат.
Станува збор за пет девојчиња и осум момчиња на шестгодишна возраст. Според информациите од истрагата, децата беа однесени во болница под сомнение дека вдишале хлорен гас кој испарил од хемикалиите што се користат за одржување на базенот.
Досега ниту едно од децата не покажало симптоми на труење.
Покрај нив, двајца работници кои вршеле работи за одржување на базенот биле пренесени во Здравствениот центар Коропи, додека уште еден ученик бил земен и однесен директно од неговата мајка.
Инцидентот се случил во училишниот комплекс на аголот од улиците Ламптрон и Лисима. Како превентивна мерка, сите објекти беа брзо евакуирани ради безбедност на децата и персоналот.
Противпожарните екипи вршат детални проверки на лице место за да ги утврдат причините за истекувањето и да овозможат безбедно повторно отворање на училишните простории.

