Францускиот фудбал се соочува со трагедија откако 22-годишниот фудбалер Ванис Онсор ненадејно почина за време на тренинг со својот тим Сен Дени.
Левиот бек се струполил на теренот за време на редовните тренинг активности, по што му била укажана итна медицинска помош.
И покрај брзата реакција на медицинскиот персонал и обидите за реанимација, лекарите не успеале да му го спасат животот на младиот спортист.
Според официјалните информации што ги потврди неговиот поранешен клуб Руан, причина за смртта е ненадеен срцев удар.
Веста за заминувањето на младиот дефанзивец предизвика шок и неверица кај неговите соиграчи, стручниот штаб и пошироката спортска јавност во Франција.
По повод трагичниот настан, со емотивно соопштение на социјалните мрежи се огласи неговиот поранешен клуб Руан:
„Ванис Онсор нè напушти на 22-годишна возраст. ФК Руан 1899 ја прими веста за неговата ненадејна смрт поради срцев удар за време на тренингот со неговиот клуб Сен Дени со огромна тага. Тој започна во нашиот клуб, носејќи го црвениот дрес преку младинските тимови и резервниот тим, а во 2023/24 година дебитираше за нашиот тим. Сите сме во шок“, изјавија од францускиот клуб.

