Системот „Безбеден град“ до февруари следната година треба да биде воведен на целата територија на Македонија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера најави дека следни на ред се Струмица, Штип и Битола, а паралелно МВР подготвува и нов начин на откривање сообраќајни прекршоци – со камери поставени во полициските возила, кои ќе ја мерат брзината и во движење.
Според најавите, системот во Струмица треба да започне со примена во првата недела од декември, во Штип до крајот на годинава, додека за поврзувањето на Битола со централниот систем ќе бидат потребни уште еден до месец и половина.
Тошковски објаснува дека возачите веќе ги знаат локациите на фиксните камери, ја намалуваат брзината пред нив, а потоа повторно забрзуваат. Затоа, според него, неопходна е контрола и на локации кои однапред нема да им бидат познати на возачите.
„Предлогот којшто го добивме од експертите е во рамки на постојните возила коишто ги имаме да инсталираме камери коишто ќе може да ја детектираат брзината, а тие може да се постават каде било“, изјави Тошковски.
МВР планира и набавка на дополнителни мобилни камери што ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, односно сообраќајници на кои најчесто се случуваат тешки несреќи со загинати и повредени лица.
Според последниот јавно објавен збирен биланс на МВР, од 2 февруари до 20 август годинава преку „Безбеден град“ биле регистрирани 310.865 сообраќајни прекршоци. Од нив, 301.835 биле за пречекорување на дозволената брзина.
Системот најпрво беше воведен во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, а потоа се прошири во повеќе градови во централниот и западниот дел од државата.
Министерот уверува дека целта на проектот не е полнење на државниот буџет преку казни, туку намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви.

