Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница за ребалансот на Буџетот за 2026 година, нагласи дека и овој втор ребаланс е потврда за целосно погрешното економско планирање на Владата на ВМРО. Лукаревска укажа дека власта повторно ги ревидира приходите и расходите, ги намалува средствата за капитални инвестиции, но го задржува зголемениот дефицит од 46,2 милијарди денари.
„Во октомври капиталните расходи се намалуваат на 40,1 милијарда денари или идентично со почетниот буџет, а дефицитот сепак останува 46,2 милијарди денари, односно 7 милијарди повеќе од почетниот план. Од каде произлегува економската оправданост за непроменетото проширување на дефицитот?“, рече Лукаревска.
Лукаревска додаде дека се кратат средства за капитални проекти во животната средина, енергетиката и образованието, односно дека Министерството за животна средина се намалуваат повеќе од две милијарди денари, а средствата за гасификација од 1,9 милијарди се сведуваат на само 12 милиони денари.
„Наглото преформулирање на расходните приоритети во рок од три месеци бара и објаснување кои проекти биле зрели за реализација во јули, што точно се променило до октомври, кои обврски ќе се пренесат следната 2027 година“, рече Лукаревска.
Пратеничката на СДСМ додаде дека особено загрижувачки е што Владата ги намалува средствата токму во области кои директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните. Се кратат средствата за борба против аерозагадувањето, здравствената превенција, имунизацијата, медицинската опрема и реконструкцијата на здравствените установи.
„Министерството за животна средина губи најмногу во дел од борбата со аерозагадувањето. Значи не ни е приоритетен чист воздух, што е парадоксално. Се намалува и здравствената заштита за превенција, кај Агенцијата за лекови и медицински средства се крати, кај задолжителната имунизација на населението исто така актуелен проблем“, рече Лукаревска.
Лукаревска предупреди и на сериозноста на задолжувањето и фактот дека јавниот долг се приближува до законскиот лимит од 60 % од БДП. Според податоците наведени во ребалансот, на 30 јуни државниот долг изнесувал 51,7 проценти, а јавниот долг достигнал 58,8 проценти од БДП.
„Овие податоци покажуваат дека јавниот долг се приближува до онаа маргина на лимит од 60% што е доволна причина и за алармантноста и загриженоста којашто ја покажува фискалниот совет“, рече Лукаревска.
Притоа, Лукаревска посочи дека и со овој втор ребаланс власта не предвидува средства за зголемување на минималната плата, ниту за подобрување на состојбата на земјоделците, а амандманите на СДСМ и коалицијата со кои се бараше обезбедување средства за овие потреби беа одбиени.
„Нема предвидени средства за минимална плата. Ние имавме амандман, да се повторам, стриктно одбиен. Немаше средства за подобрување на состојбата кај земјоделците и затоа имавме амандман и за тој за тоа видовме одбивање. Се кратија средства кај софтверските решенија. Значи оној развоен ребаланс којшто фанфарно се претставуваше летото, сега стана само едно мртво слово на хартија“, рече Лукаревска.
Во обраќањето на седницата, Лукаревска нагласи дека во услови кога граѓаните секојдневно се соочуваат со поскапувања, Владата нема одговор ниту за животниот стандард, ниту за ниските плати.
„Синдикалната минимална кошничка во октомври е над 70.000 денари и три плати не се доволни за да се покријат основните животни трошоци.Платите исклучително битно е да ги следат поскапувањата и затоа што фактот дека имаме 180.000 работници коишто земаат плати помали од 31.200 денари, затоа што имаме минимална плата којашто не мрда од 26.000 денари и така натаму, сето ова го оправдува тоа што претходно го зборував. Овој ребаланс покажува дека градиме општество повеќе на работодавачи, наместо да градиме општество на работници, на трудбеници, да го почитуваме трудот. Само така ќе може да излеземе и од заостанатоста и од самата сиромаштија. Држава и влада којашто ќе продолжи да води една ваква политика престанува да биде држава во одредени сегменти. Излегува дека овој ребаланс е против приоритетите на она кое што беше ветувано, бидејќи нема ништо што соодејствува со ветувањата за поддршката на економскиот раст и унапредување на животниот стандард.Ние како пратеничка група нема да го поддржиме овој ребаланс“, рече Лукаревска.

