Министерството за внатрешни работи планира да го прошири проектот „Безбеден град“ со мобилни камери за контрола на брзината, како и со уреди вградени во полициските возила кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и додека се во движење, најави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој посочи дека досегашните анализи покажале оти поставувањето камери само на однапред утврдени локации нема да има доволно превентивен ефект, со што целта е возачите да бидат свесни дека може да бидат откриени без оглед на тоа каде се движат.
Според предлозите на експертите, постојните полициски возила треба да се опремат со камери што ќе ја мерат брзината во движење, а паралелно е планирана и набавка на мобилни камери кои ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, односно на локациите каде што најчесто се случуваат сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени лица.
Тошковски истакна дека ќе се работи на утврдување на сите критични сообраќајни точки во државата, како во урбаните средини, така и на магистралните и експресните патишта.
Истовремено, министерот најави дека системот „Безбеден град“ во првата недела од декември официјално ќе почне да се применува и на подрачјето на СВР Струмица.
Следно на ред е СВР Штип, каде што активностите треба да завршат до крајот на годината, по што останува подрачјето на СВР Битола за чие опфаќање ќе бидат потребни најмногу еден до еден и пол месец. Тошковски очекува до февруари системот да биде воведен на територијата на цела Македонија.
Осврнувајќи се на критиките за проектот, министерот ги повика граѓаните да имаат предвид дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи животот го загубиле повеќе од 2.000 луѓе.
Тој нагласи дека активностите за зголемување на безбедноста нема да завршат со поставувањето на камерите, туку ќе продолжат и со други мерки насочени кон спречување на прекршоците и намалување на бројот на несреќи.

