Бројот на жртвите од тешката сообраќајна несреќа што се случи утрово на автопатот „Тракија“ во Бугарија се искачи на најмалку десет лица, потврди регионалниот гувернер на Јамбол, Георги Чалаков.
Во двата верижни судири во близина на сообраќајната клучка „Зимница“ учествувале околу 50 автомобили и товарни возила, по што сообраќајот на тој дел од автопатот е во целосен прекин.
На местото на трагедијата десетици спасувачки и медицински екипи интервенираат во исклучително тешки услови, при што на секои неколку минути пристигнуваат нови амбулантни возила. Меѓу лицата кои се заглавени во смачканите автомобили има и деца.
Во регионалната болница во Јамбол досега се примени 11 повредени лица. Заменик-директорот на болницата, д-р Валентин Валчев, соопшти дека најголем дел од нив се наоѓаат во тешка здравствена состојба:
„Седум пациенти претрпеле повеќекратни повреди, додека тројца имаат скршени екстремитети“
Поради обемот и последиците од несреќата, по наредба на министерот за внатрешни работи, на терен итно се испратени вршителот на должноста генерален секретар на МВР, главен комесар Љубомир Николов, и заменик-министерот за внатрешни работи Калојан Калојанов.
На делницата кај Јамбол е формирана колона од возила во должина од еден километар, која се протега од 288-от километар до излезот Кабиле.
Сообраќајната полиција врши пренасочување на возилата преку алтернативни правци — од излезот Карнобат, преку автопатот I-6, раскрсницата Петолачка и Сливен, па повторно вклучување на автопатот кај излезот Крушаре.

