Најмалку седум лица загинаа, а повеќемина се повредени во серија верижни сообраќајни несреќи во кои учествувале над 50 патнички и товарни возила на автопатот „Тракија“, во близина на бугарскиот град Јамбол, пренесе NOVA.
Тешката несреќа се случила утрово, на делницата меѓу сообраќајните клучки „Зимница“ и „Кабиле“, во услови на густа магла и значително намалена видливост на патот.
Автопатот е целосно затворен за сообраќај во двата правца, додека спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до заглавените патници во оштетените возила.
Според информациите од главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол, меѓу возилата што учествувале во судирот има и цистерни. За состојбата на теренот, Мишинев изјави:
„Има заглавени луѓе во автомобилите. Во моментов приоритет се спасувачките активности. Откако ќе завршат, ќе бидат спроведени и истражните дејства“
Седум од повредените со амбулантни возила итно се пренесени во болницата во Јамбол. Заменик-директорот на болницата, Валентин Валчев, соопшти дека пациентите се наоѓаат во тешка здравствена состојба со повеќекратни повреди и веднаш биле згрижени во шок-собата.
Во здравствената установа се мобилизирани сите расположливи екипи од одделите за реанимација, хирургија и трауматологија. Поради тоа што болницата во Јамбол не располага со оддел за неврохирургија, пациентите со специфични повреди од таа област ќе бидат транспортирани во други болнички центри.

