Управничката на приватна градинка во Израел и две воспитувачки се обвинети за повеќе од 400 случаи на злоупотреба и малтретирање на бебиња и мали деца, соопштија денеска израелските државни обвинители.
Обвинението е поднесено пред Окружниот суд за централниот округ во Лод против 37-годишната Наталија Кисилевски, управничка на приватната градинка „Лучик“ во градот Ариел на Западниот Брег, како и против воспитувачките Дарина Халупа и Ана Пагелски.
Три обвинети се товарат за кривични дела злоупотреба и малтретирање малолетници или немоќни лица, а според наводите во актот, тие извршиле и физички напади врз 17 бебиња и мали деца, од кои најмалите биле на возраст од само шест месеци.
Јавниот сервис „Кан“ објави видеоснимка на која се гледа како револтирани и вознемирени родители физички се соочуваат со обвинетите додека обезбедувањето ги спроведува низ судските простории.
Државното обвинителство побара од судот сите три обвинети да останат во притвор до комплетното завршување на судската постапка.

