Рочиштето за случајот „Онкологија“, кое требаше да се одржи денеска во Основниот кривичен суд Скопје, е одложено поради здравствени причини на судијката Снежана Марковска.
Од Судот соопштија дека новиот термин за продолжување на судскиот процес е закажан за 25 ноември.
На претходното рочиште, одржано на 5 октомври, во фокусот беше вештачењето на Владимир Даниловски, ангажиран од одбраната, во врска со терапиите што им биле давани на пациентите на Клиниката за онкологија. Обвинителството ги доведе во прашање неговите наоди, барајќи да објасни врз основа на кои официјални медицински протоколи утврдил дека применуваната терапија била соодветна.
Одбраната на поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, преку адвокатот Боби Спирковски, посочи дека клучно во постапката е да се утврди дали терапијата придонела за влошување на состојбата или за предвремена смрт на пациентите, а не само дали биле избрани соодветни лекови.
На обвинителна клупа се поранешниот директор Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, кои се товарат за несовесно лекување пациенти. Во текот на постапката, обвинета беше и докторката Мери Пешевска, која ја призна вината и доби две години условна казна затвор.
Според обвинението, во 47 случаи на пациенти биле применувани несоодветни терапии, со неправилности во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба. Лекарите се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска, додека обвинението го застапува јавната обвинителка Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство Скопје.

