Од денеска, 9 ноември, стапуваат во сила значајни промени во домашниот платен промет, кои ги опфаќаат сите банки во Македонија. Се воведуваат нов формат на трансакциските сметки, нови платни налози и нови шифри за плаќање, согласно меѓународниот стандард ISO 20022. Иако промените се однесуваат на целиот банкарски систем, граѓаните нема да мора да ги менуваат постојните сметки, ниту значително ќе го менуваат досегашниот начин на плаќање.
Една од главните новини е воведувањето на ИБАН-форматот и за домашните денарски трансакции. Тоа значи дека на досегашниот 15-цифрен број на трансакциската сметка ќе му претходи ознаката MK07. Сепак, станува збор за нов начин на прикажување на сметката, а не за отворање нова сметка или промена на постојната.
Промени ќе има и во електронското и мобилното банкарство, но тие главно ќе бидат технички. Банките треба да ги приспособат своите системи на новиот формат, па граѓаните и понатаму ќе можат да префрлаат пари, да плаќаат сметки и да вршат други трансакции преку апликациите. Можно е кај одредени банки да се појават нови полиња или дополнителни опции за избор на намена на плаќањето.
Новините нема да влијаат врз начинот на плаќање со платежни картички при купување во продавници или преку интернет.
Поголеми измени ќе има кај платните налози што се пополнуваат на шалтерите во банките. Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со нови, стандардизирани налози. Така, налогот ПП30 за префрлање пари се заменува со кредитен трансфер во денари, означен како КТД, додека за плаќања кон буџетските корисници ќе се користи налогот КТБ.
Се менуваат и шифрите за целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки ќе бидат заменети со комбинации од четири латинични знаци, со што домашниот платен промет ќе се усогласи со меѓународниот стандард.
Промените ги опфаќаат сите учесници во домашниот платен промет, а повеќе банки, меѓу кои Комерцијална банка, НЛБ, Халкбанк, Шпаркасе и ПроКредит, најавија дека од денеска ќе работат според новите правила. Конкретните технички решенија и упатствата за клиентите може да се разликуваат во зависност од банката.
Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека постојните платежни сметки остануваат исти и дека банките ќе ги приспособат своите системи за непречено функционирање на новиот начин на плаќање.
Целта на промените е модернизација на платниот промет, побрза и поефикасна обработка на трансакциите и усогласување на домашниот банкарски систем со меѓународните стандарди. За граѓаните најважно е што нема потреба да отвораат нови сметки, но при плаќањата треба да ги следат новите инструкции на својата банка.

