По речиси девет децении, потврдени се сознанијата за постоењето на доцноантички мозаик на археолошкиот локалитет Пеленица кај Драчево. При археолошките истражувања е откриен полихромен мозаик, а пронајдени се и керамички предмети и монета кои потекнуваат од истиот период.


ФОТО: Министерство за култура
Истражувањата ги спроведува Националниот археолошки музеј, а проектот е финансиски поддржан од Општина Кисела Вода, во соработка со Конзерваторскиот центар – Скопје и црквата „Св. Спас“ во Драчево.
Работата на локалитетот ќе продолжи со геофизички испитувања во дворот на манастирскиот комплекс, додека од следната година се планирани и конзерваторски активности.
Со натамошните истражувања треба да се утврдат точните димензии на мозаикот, но и да се откријат повеќе детали за архитектонскиот комплекс на кој му припаѓал.

