Билјана Ќириќ од Богданци, 17-годишната девојка чија трагична смрт ја потресе јавноста, беше испратена во вечниот дом. Локалните меидуми јавуваат дека роднини и пријатели се простиле од девојката, а гробното место било исполнето со цвеќиња, пораки, панделки и писма од луѓе кои сакале да се простат од неа.
Веста за нејзиното погребување ја објавија локалните медиуми, а особено трогателна посвета објави порталот „Гевгелија.Нет“: „Денес небото доби нов ангел. Во цутот на младоста, покосена од тој кој требаше да ја сака, чува и пази, нејзиниот партнер Виктор (21г.)“.
Младата девојка беше пронајдена мртва на 3 ноември во опожарен автомобил во близина на месноста „Ичева чешма“, кај Горно Село. Во близина на автомобилот беше пронајдено и телото на 21-годишниот Виктор Гунтаров.
Нејзината смрт предизвика вознемиреност и реакции во јавноста, а случајот повторно го отвори прашањето за насилството врз жените и институционалната заштита на жртвите.
За вечерва во 19 часот во Градскиот парк во Богданци е најавен протест под мотото „Стоп за фемицидот“.

