Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ бара усвојување заедничка државна стратегија за забрзување на евроинтеграциите, оценувајќи дека членството во Европската Унија не смее да се користи за партиски препукувања и политички калкулации.
Реагирајќи на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, од иницијативата порачуваат дека европската перспектива е долгорочен државен интерес, а не проект на една влада или политичка партија. Според нив, ниту една политичка структура не може да полага ексклузивно право врз евроинтеграцискиот процес или да го присвојува патриотизмот.
Особена загриженост, како што наведуваат, предизвикуваат оценките на Брисел за политичката корупција, измените на Кривичниот законик од 2023 година, состојбата со медиумските слободи и економските показатели. Како пример за проблемите во економијата го посочуваат повратот на ДДВ, наведувајќи дека од секои 100 денари собран данок, само 14,3 денари навреме се враќаат кај стопанството.
Од иницијативата ги поздравуваат поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, резултатите во рамките на Планот за раст за Западен Балкан, спроведувањето на Реформската агенда и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Сепак, сметаат дека напредокот во овие области не може да ги замени неопходните реформи во земјата. Особено ја нагласуваат потребата од посилна борба против корупцијата, промени во политичкиот систем и реформирање на изборното законодавство, без чекање на полноправното членство во Унијата.
Меѓу конкретните барања на иницијативата се изработка на национален план за повторно приклучување на Македонија кон групата земји со Албанија и Црна Гора во процесот на европска интеграција, како и постигнување политички и мултиетнички договор за потребните уставни измени.
Дополнително, предлагаат воведување една изборна единица и отворени изборни листи, законски решенија со кои ќе се спречи застарување на предметите за политичка корупција, како и проверка на потеклото на движниот и недвижниот имот на актуелните и поранешните избрани и именувани функционери и нивните најблиски семејства.

