Од СДСМ обвинуваат дека двете можни решенија што ги понудил премиерот Христијан Мицкоски за случајот со Алта банка не даваат одговор на клучното прашање – што ќе се случи со парите на граѓаните и државните институции.
Од партијата посочуваат дека првото сценарио е да се најде купувач за банката, но оценуваат дека тоа е малку веројатно поради сомнежите поврзани со нејзиното работење, капиталот и истрагите што се водат во Србија, Црна Гора и Европската Унија.
Второто сценарио, според СДСМ, е банката да замине во стечај, како што веќе се случило со банката во Србија по одземањето на дозволата за работа.
Од СДСМ велат дека изјавите на Мицкоски дека сите штедачи ќе си ги добијат парите не ја прикажуваат целосно состојбата. Потсетуваат дека осигурувањето на депозитите покрива влогови до 30.000 евра, додека кај поголемите депозити исплатата не е гарантирана во целосен износ.
Партијата дополнително прашува што ќе се случи со средствата на јавните претпријатија, односно со парите на граѓаните што се наоѓаат во банката.
„Колку пари губи државата? Колку е активата на банката? Кога вели дека и останатите ќе се наплатат од стечајната маса – врз основа на што?“, прашуваат од СДСМ.
Како пример ја посочуваат Алта банка во Србија, за која, според нив, претходно се тврдеше дека во трезорот имало речиси 400 милиони евра, но подоцна се појавиле информации дека тие средства биле изнесени.
Од СДСМ бараат Мицкоски да одговори колку пари на државата и на граѓаните се депонирани во Алта банка и што ќе се случи со нив.
Во соопштението, партијата упатува и обвинувања кон премиерот и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најавувајќи дека, според нив, ќе има одговорност за случајот.

