Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против управител на друштво за технички преглед на моторни возила, со иницијали М.Н., поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според информациите од Финансиската полиција, осомничениот во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, злоупотребувајќи ги овластувањата што ги имал во друштвото, противправно присвојувал пари наплатени од граѓани и компании при регистрација на возила.
Станува збор за средства кои биле наменети за подмирување јавни давачки кон повеќе институции, но наместо да бидат уплатени, биле задржувани, со што на правното лице му била овозможена противправна имотна корист од вкупно 41.518.042 денари.
Со ова, според пријавата, била предизвикана штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од Финансиската полиција дополнуваат дека, во обид да се прикријат трагите, во текот на 2022 и 2024 година бил извршен и противправен отпис на јавни давачки во износ од 17.090.623 денари.
На тој начин, во сметководствената евиденција бил намален долгот кон наведените институции и бил прикажан помал износ на обврски по основ на јавни давачки.
Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство Тетово за понатамошно постапување.

