Фондот за здравствено осигурување ги засилува контролите во здравствените установи со кои има склучено договор, со посебен акцент на проверката на наплатата на здравствените услуги и откривањето евентуални неправилности при наплата на услуги што се покриени од задолжителното здравствено осигурување, наведува ФЗОМ во соопштение.
Целта на овие засилени контроли е да се утврди дали здравствените установи доследно ги почитуваат договорните обврски и законските прописи, особено во делот на евентуална двојна наплата, односно случаи во кои за иста услуга се земаат средства и од Фондот и од самите осигуреници.
Фондот потсетува дека за здравствените услуги што се обезбедуваат на негов товар, во здравствените установи со кои има склучено договор, осигурениците немаат обврска да плаќаат дополнителни износи, освен законски утврденото учество со лични средства (партиципација), доколку за конкретната услуга е предвидено такво учество. Ова се однесува на здравствените услуги опфатени со задолжителното здравствено осигурување во примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита, согласно утврдените права и услови за нивно остварување – стои во соопштението.
Во рамките на проверките, особено внимание ќе се посвети на усогласеноста меѓу извршените и фактурираните услуги, износите наплатени од граѓаните и почитувањето на прописите за партиципација.
Фондот потсетува дека здравствените установи имаат обврска на видно и достапно место да ги истакнат информациите за висината на партиципацијата, согласно важечките прописи, а за извршените плаќања да издаваат соодветен законски доказ за наплатата. Осигурениците имаат право на јасна информација за здравствените услуги што ги покрива Фондот, како и за износот што евентуално се должни да го платат по основ на партиципација – се вели во соопштението.
Доколку инспекторите утврдат неправилности на терен, Фондот најавува дека ќе преземе соодветни мерки во рамките на своите надлежности, согласно склучените договори и законските прописи.
Воедно, ги повикуваат сите осигуреници кои имаат информации за неоснована наплата да се обратат до Секторот за контрола на Фондот, при што пријавите ќе бидат разгледани со целосна заштита на личните податоци.
Со оваа акција, ФЗОМ ја потврдува својата определба за доследно почитување на правата на осигурениците, одговорно користење на јавните средства и поголема отчетност во здравствениот сектор.

