Граѓаните кои имаат сметки во АЛТА банка АД Битола, но не поседуваат платежни картички, од утре, 5 ноември, ќе можат да ги подигнуваат своите пари директно на шалтерите во главната филијала на банката во Битола, информираат од Народната банка.
За оваа намена ќе бидат ставени во функција повеќе шалтери на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21, каде ќе се врши исклучиво исплата на готовина. Мерката особено се однесува на пензионерите и корисниците на социјална помош кои примаат средства преку сметки во оваа банка.
Максималниот износ што ќе може да го подигне еден клиент изнесува 20.000 денари, согласно ограничувањето за повлекување средства во период од две недели.
Од 6 ноември, а и во сабота на 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени за да може да опслужи поголем број граѓани.
Исплатите ќе се организираат според распоред, а клиентите преку СМС-порака ќе добијат известување за точниот ден и час кога треба да се појават во филијалата.
Од Народната банка апелираат граѓаните да ги почитуваат добиените термини и да не доаѓаат без претходна покана, со цел да се избегнат метеж и непотребно чекање. За оние кои нема да можат да дојдат во предвидениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни можности за подигање на средствата.
Од банката ќе се вршат само исплати на готовина, без можност за други трансакции.
Во меѓувреме, се подготвува отворање вакви шалтери и за пензионерите и корисниците на социјална помош во другите градови низ државата, а за деталите Народната банка дополнително ќе ја информира јавноста.

