ВМРО-ДПМНЕ упати нови обвинувања кон СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче во врска со случајот со Алта банка, тврдејќи дека зад нивните јавни критики и реакции се кријат бизнис интереси на лица блиски до СДСМ и семејството Заеви.
Од владејачката партија оценуваат дека СДСМ со месеци ја политизира темата за Алта банка, а како што наведуваат, целта на кампањата е создавање недоверба кај граѓаните и нарушување на угледот и пазарната позиција на банката.
Според ВМРО-ДПМНЕ, преку притисоци врз Народната банка и Алта банка се создаваат услови за нејзино преземање по пониска цена од страна на бизнис-кругови блиски до Филипче и Заеви. За ваквите тврдења партијата посочува и на изјавата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ, во врска со исплатата на пензиите на корисниците на Алта банка.
Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат СДСМ за ширење паника меѓу граѓаните и политичка злоупотреба на случајот, додавајќи дека зад јавните реакции, според нив, стојат приватни економски интереси.
Од партијата порачуваат дека граѓаните не треба да стравуваат за исплатата на платите и пензиите и уверуваат дека за време на владата предводена од Христијан Мицкоски тие ќе бидат редовно исплаќани.

