По 19 години и повеќе од 20 измени на постоечкиот закон, се подготвува нов Закон за лековите кој ќе донесе целосно усогласување со европското законодавство, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски по одржаната национална консултација.
На консултативниот состанок учествуваа претставници од здруженијата на пациенти, фармацевтските комори, индустријата, експерти и владини институции.
Според министерот Клековски, со новата законска рамка досегашниот закон од 2007 година се заменува со нов, при што лековите и медицинските средства добиваат посебни закони, а во следната фаза е предвидено и издвојување на посебен закон за фармацевтската дејност.
„За пациентот, добро уреден систем за лекови значи навреме да ја добие терапијата, да има доверба во нејзиниот квалитет и безбедност и да добие точна информација за нејзината употреба“, посочи Клековски.
Како следни чекори се најавени разгледување на сите забелешки, воспоставување посилни механизми против недостиг на лекови, поедноставено пријавување на несаканите реакции, како и план за имплементација со Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
„Законот ќе вреди онолку колку што ќе се примени. Затоа за секоја нова обврска мора да знаеме кој ја спроведува, со какви кадри и средства и во кој рок“, нагласи министерот.
Процесот се реализира со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија.

