Општина Илинден ги интензивираше активностите за чистење и одржување на речните корита и одводните канали со цел подобрување на протокот на атмосферските води, намалување на ризикот од поплави и заштита на животната средина.
Во изминатиот период се изврши машинско чистење на главниот одводен канал низ централниот дел на Илинден и Марино во должина од 5.000 метри. Исто така, исчистен е и ободниот канал од локалната зона Карагач кон Меѓународниот аеродром Скопје во должина од 3.800 метри.
Со овие зафати, на подрачјето на општината досега се исчистени вкупно 26.800 метри канали и речни корита. Со тоа е надмината првично предвидената должина од 24.250 метри.
Според планот, во наредниот период активностите продолжуваат со чистење на дополнителни 4.000 метри од коритото на Сува Река, на потегот Миладиновци – Бујковци, како и 1.000 метри на потегот Текија – Дељадровци.
„Со оглед на високото ниво на подземни води, редовното одржување на каналската мрежа овозможува непречен проток на атмосферските води, превенција од појава на поплави и зачувување на чиста и здрава животна средина, што е предуслов за квалитетен живот на граѓаните“, нагласи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
Од Општина Илинден најавуваат дека ќе продолжат со континуирано одржување на каналската мрежа за зголемување на безбедноста и подобрување на условите за живот на сите жители.

