Филипче и СДС со притисокот кон НБРМ и Алта банка создаваат терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска цена, обвини денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
Според Петрушевски, активностите на опозициската партија изминатите месеци биле воведени поради бизнис интереси.
„Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев. Целта на Филипче и СДС во случајот со Алта банка е да создадат паника и хаос во банкарскиот свет, дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, за утре ден, близок бизнисмен до Филипче и Заев да ги откупи акциите за багателна цена“, истакна Петрушевски.
Како еден од доказите за овие тврдења, тој ја посочи вчерашната изјава на генералниот секретар на СДС, Александар Димитријевиќ.
„Еден од неколкуте докази што ја поткрепуваат оваа информација е вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДС, Александар Димитријевиќ, кој побара ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на корисниците на Алта банка, со што прави кривично дело според член 315 од КЗ. Прочитани се. Освен криминал, пари и корупција ништо друго не ги интересира“, изјави тој.
Петрушевски упати порака до граѓаните да бидат спокојни во однос на стабилноста на финансискиот сектор.
„Затоа, им порачуваме на граѓаните, да бидат спокојни. Се додека премиер е претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат“, заклучи Петрушевски.

