Шпанскиот фудбал е во шок по трагичната смрт на 30-годишниот Хесус де Мигел, напаѓач на Тенерифе, кој почина откако се здоби со тешки повреди при судир со противничкиот голман за време на натпревар од втората шпанска лига.
Тажната вест утрово ја потврди неговиот клуб Тенерифе, соопштувајќи дека фудбалерот починал во 8 часот, по тешката борба за живот во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“.
Трагедијата се случи вчера, во судиското продолжение од натпреварот меѓу Тенерифе и Андора, при резултат 2:2. Во обид да стигне до една долга топка, Де Мигел се судри со голманот на гостинскиот тим, Хесус Овоно, кој излета надвор од својот шеснаесетник и силно го удри напаѓачот со коленото во пределот на градниот кош.
Фудбалерот веднаш падна во несвест, а неговите соиграчи и противничките играчи панично побараа медицинска помош. Според информациите од шпанските медиуми, по судирот доживеал срцев застој, поради што медицинските екипи морале да интервенираат на теренот.
Де Мигел со брза помош беше пренесен во болница, каде што беше сместен на интензивна нега. Иако првичните информации укажуваа дека неговата состојба е стабилна, но сериозна, во текот на ноќта дошло до влошување на невролошката состојба, а утрово била потврдена неговата смрт.
По инцидентот, голманот Овоно доби директен црвен картон, додека судијата, по консултации со двата тима, одлучи да го прекине натпреварот.
Од Тенерифе изразија длабока тага поради загубата на својот фудбалер и упатија сочувство до неговото семејство, побарувајќи почитување на нивната приватност во овие тешки моменти.

