Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжува со докази на одбраната. Рочиштето се одржува во судницата во затворот „Идризово“, а предвидено е да биде сослушано вешто лице ангажирано од одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“.
Ова следува откако на претходните рочишта беше завршено сослушувањето на вештакот Петре Русески, кој го изработил градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети.
Неговото вештачење беше предмет на повеќекратно оспорување од страна на Обвинителството, особено во делот што се однесува на градежните зафати, документацијата за објектот и условите за евакуација. Русески, пак, остана на ставот дека во објектот немало реконструкција или промена на намената, туку внатрешно уредување и занаетчиски работи.
Судскиот процес е во фаза на доказна постапка на одбраната, која најавила повеќе од 240 сведоци.
Обвинителството претходно го заврши изведувањето на своите докази на 14 септември годинава. Во текот на околу 49 рочишта беа презентирани 1.390 материјални докази, а беа сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.
Судењето започна на 19 ноември 2025 година, кога пред судот се појавија 35 физички лица и три правни лица обвинети за трагедијата. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.
Со судскиот процес претседава судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата останува една од најтешките во поновата историја на државата.

