Студеното и облачно време со повремени врнежи ќе се задржи во Србија и во текот на наредните денови, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ). Во повисоките планински предели се очекуваат врнежи од снег, додека стабилизација и разведрување се прогнозираат од крајот на неделата.
Според издадената прогноза, поголеми количини врнежи денеска се очекуваат во централните, југозападните, јужните и југоисточните делови од земјата.
Ќе дува слаб до умерен, а во планинските предели на источна и јужна Србија повремено силен северен и североисточен ветер. Максималната дневна температура ќе се движи во интервал од 7 до 11 степени.
Врнежливото и студено време ќе продолжи и во среда, со повремени врнежи од дожд во централните и јужните региони и снег на високите планини. Дневните температури ќе се искачат помеѓу 7 и 12 степени.
Од четврток се очекува постепено престанување на врнежите, додека од петок следува делумно разведрување. Разведрувањето ќе донесе студени утра со појава на слаб мраз на одделни места, но со благ пораст на дневните температури.

