Повеќе од 70 продавници и супермаркети во Белгија, Луксембург и Шведска беа цел на хакерски напад кој го наруши работењето на системите за ладење. Поради зголемувањето на температурите во фрижидерите и замрзнувачите, дел од храната мораше да се фрли за да се заштити безбедноста на потрошувачите.
Проблеми беа регистрирани во над 40 супермаркети „Delhaize“ во Белгија и Луксембург, како и во околу дваесет продавници на „Carrefour“ и „Spar“.
Стефан Моланс, извршен директор на компанијата за инсталација на ладилници „Sabcobel“, изјави дека хакерите далечински ги префрлиле испарувачите на системите во режим на одмрзнување.
„Синоќа во 1 часот по полноќ почнавме да мобилизираме техничари за да ја ставиме ситуацијата под контрола. Работевме цела ноќ и до утрото за да ги исклучиме погодените инсталации од мрежата“, рече Моеланс.
Слични инциденти беа пријавени и во Шведска, каде ладилните единици во неколку продавници на „Ica“ и шест објекти на „Coop“ биле мета на хакерите.
Матс Олсон, менаџер на продавницата „Ица Нара“ во Бода, Оланд, изјави дека наутро го пречекала локва вода на подот и замрзнувач со температура од 14 степени Целзиусови, при што целокупната стока била уништена.
Сличен напад беше забележан и во Франција на 12 октомври, кога стотици продавници беа погодени од кибернапад кој ги покачи температурите во фрижидерите до 50 степени Целзиусови.
Серијата инциденти укажува на сериозен безбедносен ризик за дигитално поврзаните системи во малопродажниот сектор, кои овој пат резултираа со директно уништување на храна поради неправилно складирање.

