Опозициската СДСМ обвинува дека граѓаните се соочуваат со проблеми при располагањето со сопствените средства во Алта банка, додека, според партијата, надлежните уверуваат дека состојбата со банката е стабилна.
Од СДСМ велат дека експозитурите не работат, на банкоматите се создаваат долги редици, а истовремено компаниите можат непречено да вршат трансакции.
Партијата јавно прашува зошто гувернерот не ги објавува податоците за износот на парите што, како што тврди СДСМ, српскиот претседател Александар Вучиќ ги префрлил во Македонија, како и дали средствата останале во земјава или биле пренасочени кон Москва.
Од СДСМ поставуваат и прашања за можни финансиски поврзаности на владини функционери со Алта банка, меѓу кои го споменуваат и премиерот Христијан Мицкоски. За овие тврдења партијата не приложува докази во соопштението.
Во реакцијата се споменуваат и приведувања во Србија на лица поврзани со Алта банка, како и поднесени кривични пријави против нив.
СДСМ го обвинува гувернерот Славески дека наместо заштита на штедните влогови и средствата на граѓаните, мерките се насочени кон заштита на капиталот поврзан со банката. Особено се посочуваат пензионерите и останатите штедачи кои имаат сметки во оваа финансиска институција.
Од партијата бараат реакција од Јавното обвинителство и одговорност од надлежните институции за состојбата со средствата на граѓаните.

