Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски се огласи по изборните резултати во Брвеница, оценувајќи дека неговата партија настапила со програма и визија, додека политичките противници, како што наведува, ја користеле етничката карта и поддршката од други партии за да ги одвлечат гласовите.
„Сами против сите. Ние настапивме со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ бележи раст на поддршката од 3.000 гласа во првиот круг на 4.200 во вториот круг, односно 1.300 гласа повеќе во споредба со парламентарните избори, но дека тоа не било доволно за целосна победа.
Мицкоски им се заблагодари на сите жители на Брвеница, без разлика дали гласале за неговата партија, и порача дека Владата ќе продолжи да ја поддржува општината.
„Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа“, напиша Мицкоски.

