Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Светиот маченик Артемиј, познат египетски војвода од времето на царот Константин Велики, кој ги примил христијанството и крштевањето по јавувањето на победоносниот крст.
Во времето на царот Констанциј, Артемиј бил испратен во Елада за да ги пренесе моштите на свети Андреј од Патра и на свети Лука од Тива во Цариград — задача што ја извршил со голема радост.
Потоа бил поставен за августалиј и царски намесник во Египет. На таа функција останал за време на владеењето на Констанциј, а одреден период и за време на царот Јулијан Отстапник.
Кога царот Јулијан тргнал во војна против Персијците, се запрел во Антиохија и му наредил на Артемиј да пристигне таму заедно со својата војска. Во истиот период, царот подложил на мачење двајца христијански свештеници, Евгениј и Макариј.
Гледајќи го тоа, Артемиј се возмутил и отворено му се спротивставил на владетелот со зборовите: „Зошто цару толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи и зошто ги присилуваш да се откажат од верата православна?“
Покрај ова, тој му упатил и директно предупредување на царот: „Твојата погибел е близу.“
Разјарениот цар ги испратил двајцата свештеници во прогонство во Арабија, каде што набрзо починале. Војводата Артемиј бил расчинет, тешко претепан и фрлен во затвор, каде според преданието му се јавил Исус Христос, го исцелил и го утешил.
Потоа царот наредил Артемиј да биде притиснат меѓу два тешки камени плочи, по што му била отсечена главата. Неговото мачеништво се случило во 362 година. Набрзо потоа, царот Јулијан загинал за време на воениот поход против Персијците.

