Можностите за примена на современи методи на лекување на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест во Македонија ќе бидат во фокусот на денешната панел-дискусија „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, која ќе се одржи во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.
На панелот ќе учествуваат истакнати невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје. Тие ќе ги претстават најновите медицински пристапи во третманот на овие невродегенеративни заболувања и ќе дискутираат за можностите за нивна примена во домашниот здравствен систем.
Посебен акцент ќе биде ставен на длабоката мозочна стимулација (DBS), која се применува кај одредени пациенти со Паркинсонова болест, како и на новите антиамилоидни терапии леканемаб и донанемаб, наменети за забавување на когнитивниот пад во раната фаза на Алцхајмеровата болест.
Учесниците ќе ги разгледаат и условите потребни за воведување на овие терапии во земјава, меѓу кои обезбедување стручни медицински тимови, соодветна инфраструктура, дијагностички капацитети и институционална поддршка.
Модератор на дискусијата ќе биде проф. д-р Габриела Новотни. Меѓу говорниците се проф. д-р Звездан Пиртошек и проф. д-р Дејан Георгиев од Универзитетската клиника за неврологија во Љубљана, како и директорите на скопските клиники за неврологија и неврохирургија, Јован Божиновски и Љуљзим Агаи.
Посетата на експертскиот тим од Љубљана се реализира во рамки на двегодишната соработка меѓу клиниките, преку програмата Mentor–Mentee на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).

