Илјадници луѓе се собраа во париското предградие Трап во петокот вечерта за да им оддадат почит на жртвите од пукотницата што се случи пред една недела, во која едно лице загина, а седуммина беа повредени. Истрагата покажа дека вооружениот човек намерно ги таргетирал жртвите за кои верувал дека се од муслиманско или африканско потекло, што отвори жестока дебата за расизмот во Франција во пресрет на претседателските избори, објави Ројтерс.
Канцеларијата на обвинителството за антитероризам соопшти дека 39-годишниот осомничен, идентификуван како Кевин Т., за време на испрашувањето признал дека барал жртви кои „изгледале како муслимани, Африканци или Северноафриканци“. Меѓу неговите работи била пронајдена книгата „Мојата борба“ од Адолф Хитлер и налепници од крајно десничарскиот Национален собир (RN), иако тој тврдел дека не е поддржувач на ниту една партија.
„Беше многу важно за нас да се обединиме бидејќи има поединци кои претставуваат штетни идеологии. Но, има многу повеќе кои веруваат дека живеењето заедно може да го надмине расизмот“, рече Имад, жител на Трап и раководител на локалната невладина организација „Aider“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чиј втор мандат завршува во мај, го обвини Националниот собир за поттикнување атмосфера на расизам. Слични обвинувања за време на комеморацијата упати и градоначалникот на Трап, Али Рабе.
„Отворете ги очите. Убиецот не ги избрал своите жртви случајно. Неговата омраза не дојде од никаде. Некој му ја всадил“, рече Рабе.
Од Националниот собир, чија лидерка Марин Ле Пен води во анкетите за претстојните избори, ги отфрлија обвинувањата. Пратеникот Жан-Филип Танги упати директни критики до францускиот претседател.
„Макрон ја води Франција во последните девет години. Под негово владеење се прошири бран на антисемитизам, хомофобија и омраза. Тој е виновен“, рече Танги.

